Во рамките на проектот „Академија за подигнување на бизнис и претприемничките вештини на младите на територијата на ЛАГ Беласица Огражден“ ќе се создаде мрежа за соработка меѓу младите луѓе од регионот на ЛАГ Беласица Огражден од областа на претприемништвото и развојот на бизнисот. Мрежата ќе обезбеди простор за споделување мислења, дискусии за заеднички проблеми, пронаоѓање на партнери за реализација на заеднички проекти. Главната цел на мрежата ќе биде да се изградат компетенции за младите луѓе од регионот на ЛАГ Беласица Огражден во областа на претприемништвото, преку серија настани, отворени дискусии, обуки и сл. Исто така овие вештини ќе се развиваат и преку информативен и едукативен материјал кој веќе е поставен на Интернет платформа, која е развиена од Здружението Слоу Фуд Огражден, а ќе биде отстапена на користење за исполнување на овој проект.

Во рамките на проектот ќе се создаде симулација на виртуелна компанија за обука на млади луѓе за тоа како да се развие и да се управува со свој бизнис во симулирана реална средина. Сите тие информативни и едукативни материјали (регистрирање на своја компанија во Централен Регистер на РМ, закони од областа на даночната политика), како и симулација на Виртуелна компанија, ќе бидат бесплатно достапни за сите млади луѓе од регионот на ЛАГ Беласица Огражден кои се заинтересирани да отпочнат бизнис.

Предностите на овој пристап лежат во лесната достапност до информации преку интернет платформата, како и во можноста за интеракција во реално време и стекнување на потребните практични вештини преку симулацијата на Виртуелната компанија пред да го започнат својот бизнисот, што обично е тешко е да се добие во реалниот живот.

Проектни активности:

  1. Анализа на регионот (Целта на анализата е да се соберат информации за нивото на компетенции и вештини на младите од регионот во започнувањето и развојот на сопствен бизнис)
  2. Градење на мрежа за соработка (Мрежата ќе има за цел да обезбеди заедничко место за соработка, споделување идеи, дискусии за заеднички проблеми поврзани со претприемништвото, изнаоѓање на партнери за заеднички проекти и др.
  3. Академија за бизнис и претприемништво (Академија за бизнис и претприемништво ќе се состои од серија обуки, работилници, отворени дискусии и други настани со учество на млади луѓе, со цел нивно опремување со потребните знаења, вештини и компетенции за започнување и развој на сопствен бизнис. Понатаму, Академијата за бизнис и претприемништво ќе ги информира младите за тоа кои се можностите за развој на бизнисот во овој регион. Исто така ќе ги подготви учесниците со обезбедување на потребните теоретски знаења за учество во симулацијата на Виртуелна компанија).
  4. Пилотирање со виртуелна компанија (Оваа активност ќе биде последната активност на Академијата за бизнис и претприемништво. Таа ќе има за цел на младите луѓе да им овозможи симулација во управување со своја виртуелна компанија. Исто така, виртуелната компанија ќе биде инструмент за стекнување на практични вештини. Во рамките на оваа активност младите луѓе кои ги поминаа обуките во Академија за бизнис и претприемништво ќе учествуваат во симулацијата на виртуелната компанија. Секој млад човек ќе заземе различни позиции во компанијата, на пример, извршен менаџер, агент за поддршка на клиенти, финансиски менаџер итн. Учесниците ќе ги извршуваат своите функции за одреден временски период, а секој учесник ќе биде следен во неговиот развој како претприемач).